потече (гл.) - солза (имн.)

Ѝ се стресоа рамената и Циљка виде како меѓу прстите на мајка ѝ, потекоа солзи.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Потоа замавна во лутина го плесна по лице Нисе... Потече солза. Мачна солза.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Војник не сакаше да им оди, а таа кутрата, господ да ѝ прости... - рече Божана - ѝ се стегна грлото и дури одкако ѝ потекоа солзи од очите, бришејќи ги, изговори некако:- Се обеси.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
- Остави ме, - ми вели тој и од очите не му потечуваат солзи само затоа што сите сокови од него се исцедени. – Еве има повеќе од сто години како сум умрен и никако не можам да расебетам дали во животот згрешив или не.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Се опираше и чекаше. Од подотвореното око не потече солза.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
САВЕТКА: (на која ѝ потекуваат солзи на очите, ја милува по косата).
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
На Петра ѝ се навираат очите, чиниш извор ќе џвркне, ама пред да потечат солзите ги покрива со прегачот и ги забришува, да не видат внучињата, како да е од некоја настинка, кивавица, и сосила кивнува неколку пати.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Сотирчо има тажни очиња, само малку да се стиснат клепките и од нив ќе потечат солзи.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Во грлото му се скрши гласот и од старечкото око потече солза - лута, горчлива, болна, густа, распалена, жешка, срдечна и тажна, во која потона зеницата и само за миг го снема ридот зад кој е големата вода, па планините, па пак големата вода и преку неа...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Од аголот на левото око потекува солза и се разлева низ образот во танок сребрен конец.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Клекна и убаво го гушна, а додека тој одеше на кај својата куќичка од нејзините очи потекоа солзи.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Македонката со колак коса врз темето не можеше да замижи пред толкава болка па и од нејзините очи потекоа солзи, како и од очите на високиот маж, а заминаа без да ги поздрави толпата, со чувство дека сите ги мразат штом се дрзнуваат да испорачуваат Македончиња како Грчиња.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
На Пелагија исто така ѝ потекуваат солзи, ама таа не сака да си ги забрише како некои од толпата, туку дозволува слободно да се разлеваат по лицето и да капаат врз убавиот фустан.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Ѝ потекоа солзи, а солзите не ги сакаше Чана, ја отчепи устата Ми за то соузи? Радост да ти вим у очте а не соузи!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
- И сол ми донесол домаќинот! - израдувано рече мајка му, го прегрна и од очите ѝ потекоа солзи.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
И јас, начекувајќи го ветрот, полугласно велам: – Јас ве љубам, Надја! Боже, што се случува со Надењка!
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Тој ја потсетува на ветрот што тогаш ни фучеше на ридот, кога таа ги слушаше оние четири зборови, па лицето ѝ станува жално, жално, а по образот й потекува солза...
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)