А таа сега од една крајност премина во друга: им се насмевнува и кога треба и кога не треба, им потфрлува благ збор и кога треба и кога не треба, не им оди повеќе по петиците и не ги следи како порано, не плуска со камшикот низ просториите, не испушта грлени гласови како порано, ами постојано пушта музика од грамофонот внесувајќи весела атмосфера во Пансионот; ги повикува одвреме-навреме во канцеларијата да ги почести со пијалак, та кога ќе потпивне малку повеќе, лицето го расцутува од смеење и веселост и потпевнува со глас како славејче.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)