Во оној час кога таа се доближи навистина без видливи движења и само малку се надви над моите очи, во оној час кога во возбудата и во душникот почувствував скокоткање на мравји разбудувања, невидлива чучурлига го прогласи денот за почеток на пролетта: ливадите ги покриваат белокруни колениши, се разбудува меѓу шаренолисни крвариги желурок и со пренежен писок бара во капинова грмушка оклопена невеста, и се дуе во стоплена бара жерав пред бели птици со смирени крилја, почнува, мислев, зашто сега и водите и небото се сини и дарежливи со светлост, а на прагот на собата падна парче сонце и се разлеа стопено од своја топлина.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Со глад почнуваше пролетта, како новородениот живот, со зината уста.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Навистина почнуваше пролетта. Низ прозорецот без стакло бапна мирис на шума и цвркот, од некоја црква се огласи со сребрен глас старинско ѕвоно, ме опи со чад на темјан, ме растрепети со топлина и со сеќавање на песна што сум ја слушал во свадбарски утра од Богдан Преслапец и Блаже Задгорец.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)