Луѓето од Езерец уште од зори се приготвуваа да одат во манастирот, да му запалат свеќа на светецот, да му се помолат и да купат нешто на панаѓурот; во селото врвулица: излегуваа луѓето од куќите, се меткаа по дворовите, се собираа и тргнуваа; секој носеше по некој дар за манастирот: овца, коза, теле; тие што немаа добиток, плачки: кошула, риза, чорапи, бовча, шамија; рикаше добитокот по патот, луѓето се довикуваа, се причекуваа да одат заедно; помладите одеа пеш, а постарите и децата качени на коњи или магариња; некои одеа со чунови по езерото во кои имаа изнаредено плачки за спиење и храна - сето личеше на некоја преселба, збег.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)