Доаѓа Богдан до нивата каде што мајка му го роди и легнува на меѓата под грмушката каде што го пуштил првиот глас и го облева чувство како повторно да се раѓа; ги дише тревките и билките околу себе чувствувајќи ги како мирис на мајчино млеко; гледа во сонцето што се провира низ гранките над него и му блеска в очи како тогаш кога се роди, го слуша пеењето на птиците како да го прославуваат неговото повторно раѓање; слуша крај него кркори браздичка со вода како превртена стомна; слуша во далечина ѕвон на стада овци и добиток, милозвучен што ја разнежува душата; зеленилото му ги исполнува очите со спокојство и милина.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Чанга, спроти денот „Д”, ги повика сите козари, ветерани и млади, козари со убиени кози, козари со покани да дојдат во дивиот дел на големиот градски парк, крај реката, со семејствата, да го прослават неговото враќање со козите.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)