топи (гл.) - од (предл.)

Бисера се топеше од милина, подигруваше од радост, а Крсте седеше некако малаксан и задуман.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Неговата љубена во сонот беше ѕвезда што свети и грее, се разбира, ѕвезда во облик на мала топка сало. (Сонувајќи, Ќ не сфаќаше како таа не се топи од сопствената топлина.) Додека траеше сонот, Ќ го празнеше целиот фрижидер и потоа провалуваше во најблискиот фитнес-клуб за да трча на подвижна лента.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
- Оф, оф! - се топеше од задоволство, чувствувајќи го студенилото на снегот врз пламнатото лице.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Зоби, зоби, чедо, - се топеше од милина старецот гледајќи го внукот како блажено ја полни устата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Здив Ух, ухни, воздивни, гукни, така се раѓа Зборот кога влегуваш во телото на новороденчето со првиот плач, единствениот на којшто му се радуваме - па те нарекуваме Живот кога се враќаш онаму кајшто човечка нога не стапнува - па те нарекуваме Душа напатена како вечност кога копнееш, до последен здив по белата пена во којашто се топиш од сласт, и исчезнуваш Ух, ухни вдахновено, така се раѓа Песната!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Дедо Димо слушаше со наведната глава, гркланот му подрипнуваше, се топеше од блаженство, му се чинеше на стари години ќе заплаче.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)