фрла (гл.) - сенка (имн.)

Нивното споменување овде носи одредена сексуална конотација, која фрла сенка на психолошката сексуалност како на нешто перверзно.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Како што во песните од „Две тишини“ за првпат во творештвото на Поетот каменот (о)станува сал камен, така и воведните есеи допуштаат птицата на песната да слета на зборовите уште пред да се „опеснат“, фрлајќи сенка врз сѐ што се премолчало, што истекло од мислата, а не се влеало во зборот.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Песната „Две тишини“ е поетска мајсторија при која се ѕидало со прости тули, а се добила невидена палата, или, поинаку речено, делничните зборови се изложени на толку необично и несекојдневно (ретко!) сонце што фрлаат сенки начичкани со недобројни значења.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Ако може да се говори за двете големи влијанија на американското сликарство, можеме главно да споменеме две имиња: Пикасо и Дишан, сето останато е споредно...
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Ќе ги поврземе, исто така, во нивната ненадејна голотија, анатомскиот Леонардов цртеж на вулва и изложувањето на истиот орган во околината на Филаделфија, „Etant Donnes“... или она што е дадено да се види, во рамките на давинчиевскиот пејсаж подеднакво мистериозен како и иној во којшто седи Мона Лиза, тоа е енигмата не една поинаква насмевка, во овој случај верикална, врз која не фрла сенка никаква влакнавост на инаку анонимното суштество што ни се нуди.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Сликата е направена рано наутро; сонцето тукушто е изгреано; расцутените костени фрлаат сенка на патот кон полето; мајка му во едната рака држи срп, а во другата го држи Богдана за рака; таа е облечена во вет забан, ветва кошула и опинци на нозете; забрадена е со марама; лицето ѝ е предвремено овенато, ожебавено, со модри траги што времето и животот ги оставиле; очите без сјај, без радост; устата збигорена, без насмевка.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Можно ле е, прашувам, еден осакатен труп да фрла сенка долга до црквата?
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Малата вештерка лета околу ламбата и фрла сенки по намуртеното лице на татка ми.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Чадот од крупно дробениот тутун и весникарската хартија е густ и фрла сенка врз нивните лица.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Августовскиот воздух препекуваше; од тоа вжештено насилство немаше каде да се засолни - надалеку немаше никакво дрвце, а високите згради не фрлаа сенка.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
„Да појдеме зад зградата, фрла сенка, ќе се повлекуваме според неа.“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
4. Веќе е замаглено. Над нас прелетува птица Што фрла сенка налик на Македонија.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)