Беа тројца селани и го цепеа високиот наврнат снег, оставајќи зад себе една длабока бразда, во која стапалките едвај се распознаваа; не многу далеку зад нив врнежот веќе почнуваше да ја зарамнува таа нивна трага, но тој ниеднаш не ја скуси нејзината змијолика издолженост низ длабоко притулената снежна шума, бидејќи за тоа време тие веќе имаа пробиено уште толку во матната белина напред.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Тие што тргнаа преку Веселички Рид уште еднаш, штом се завкачиле по падините на ридот, виделе дека попусто ќе одат и понатаму: во снегот немало никакви траги, ни човечки ниту, пак, од некој ѕвер, но зашто била издадена таква заповед, се префрлиле преку рид и низ Веселчани и по Џаде дури до Алинци стигнале, а другите, кога дошле до Галичка Река, решиле да не одат понатаму: од Алилово натаму снегот по патот бил сиот разгазен и колку повеќе се приближувале до градот тој толку поразгазен станувал, па зашто никој не можел да одреди кои стапалки чии се, дали од другоселски пазарџии или од ајдутинот и од Бошета, и тие се вратиле.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)