Бил отсекогаш еден човек, којшто си бил достатен на самиот себе, и кој ниеднаш не бил свикнат да бара од другите нешто повеќе, освен да бидат некаде тука, крај него, секој за себе зафатени во своите грижи, многу често други и незабележувани од него, а тој ниеднаш немал потреба да ги побара, или пак да помисли на себе си вака, како сега: Сам...
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ги чувствуваше сега тие два живота како две напоредни линии, кои ниеднаш не се приближиле ни за една сламка и кои беа секогаш осудени да остануваат најдалечни една од друга, колку што било возможно тоа, колку што го позволувал тоа животот во едно заедничко време и во едно село со доста честите совпаѓања на судбините.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Она пладне, кога војната беше оттатнета, а нејзините сенки сѐ уште стоеја во изгорените куќи на нивното село, и во разурнатите мостови, и во разодградените плотишта, а по селските сокаци се тркалаа празните картонски кутии од УНРРА, и селаните се облекуваа во половните американски карирани виндјакни со неминовната црвена шарка, и кога двете селски бакалници беа прекрстени во Кооперативни сектори, а секој нивни ден се завршуваше со по една фронтовска конференција, на која тие по двајца-тројца продолжуваа да се запишуваат во Задругата; она попладне, во кое исто така мнозина, продолжувајќи да немаат доверба, а и Змејко беше меѓу нив, обично молчеа, за сето време, сите тие денови, и додека се меткаа по цел ден по средселото, а и вечерта на конференциите, а дури после си се разотидуваа кон дома; она попладне, кога ќе им станеше чудно ако речеше некој дека оваа вечер нема да има конференција, толку чудно и толку пусто, што дури и самите би ја закажале неа, она додека исчекува задружниот курир - поранешениот пандур, - пак да притропа со барабанчето по сите мегдање од селото и се чудеа што уште го нема; во таа тишина, во која стоеја зачмаени на средсело сите мажи, а меѓу нив само ретко ќе пробечеше некој глас, кој можеше да бара или огон, или тутун, кој ниеднаш не кажуваше ништо повеќе: тоа пладне, во кое подоцна се насобираа сите крај една лимузина и еден џип што пристигааа од градот, носејќи уште една од сите оние делегации, што доаѓаа на конференциите и постојано им го зборуваа сѐ тоа пак тоа, сега од колите излегуваа луѓето и се поздравуваа со селаните со онаа неприфатена, одгатната фронтовска желба за приближување и Змејко уште на прв поглед го препозна онојго.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Беа едни зборови, врежани во неговата свест како најцврстиот 'рт на неговите бранувања, кој ниеднаш не бил разјаден во него, но кој исто така не бил ниеднаш стоплен, за да го сети како свој.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)