Едно обично сознание
едно од оние до коишто се доаѓа
при крајот на животот:
само смртта може да објасни
некои несфатливи врски
некои мрачни страсти
некои зашеметувачки
неовдешни
екстази.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Баге заустува да му се спротистави: дека син му не е педер, дека е нормален, дека е женет, дека има дете, дека во нивната семејна лоза нема ни намек на самоубиствен ген, дека сета таа работа е наместена, изрежирана и подметната од некои мрачни сили што се испилија во овој наш плурализам (беше готов да плукне притоа, но во последен момент се воздржа), дека неговиот син е нивна невина жртва и дека токму тие како служба се должни да ги откријат, да ги казнат, а на синот негов да му го обелат образот, макар и мртов.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Една вечер враќајќи се со автомобил од некој концерт, мојот пријател Норман и јас останавме опсипени од сликата која изнурка од некој мрачен подвозник и удри во автомобилското стакло налик на ненадеен кошмар.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)