Наеднаш забележуваш дека се тресеш и очекуваш секој момент главата да се стркала од рамениците и сфаќаш дека од време на време си пресечен со остри налети на спид и се обидуваш да пиеш и мислиш дека ти се лоши и толку си жеден и толку ти студи и толку си параноичен што мислиш дека авионите те снимаат, постојано чкрипиш со забите и главата не престанува да се тресе и тешко успеваш да запалиш цигара, рацете имаат своја свест и забите не престануваат да цвокотат и не можеш да зборуваш и не можеш да се мрднеш, не можеш ни да дишеш но барем можеш да пишуваш и зарем не е време да се земе уште една.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Лежиме на грб и го гледаме небото како тече над нас и во нас и сино и големо и остро до болка, премногу светло, преубаво, зошто не сака да работи ЦД, го удирам и викам “ајде да го убиеме гитаристот што премногу личи на Nuno-Noonoh од Extreme”, со неговата коса долга и блескава и неговата рака што се движи брзо и пребрзо и го цвркоти Morris- sey така прекрасен и љубовен и одиме повторно да ги храниме патките, развигорчето ја ежи кожата и премногу е ладно и зошто седам насреде, ги хранам патките и се чувствувам како молзачка. Молзачка? Патка? Езеро? Небо? Што?
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)