Зад челична мрежа, најверојатно за да ги заштитат од мене, седат во ист ред сведоците: ученичката во црн сатен, онаа танка скоро проѕирна жена што бездруго ќе се откажува од мене колнејќи се дека сме биле во брак, оној што еднаш го сечев под струјомерот (сиот е во превивки и под долги фластери), оној друг што остана да лежи со крваво теме во царството на пауните и тревите, двајца што еднаш ја откопчуваа од подот Неговата слика.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Додека се обидувам, осмиот месец од
оваа година, MCMLXXX
достоинствено да го започнам писмово до тебе
ја откопчувам душата како елек
и шаторот твој го распнувам сосема
меѓу вториот и дваесеттиот век
резот е доволно длабок и горешт
светлината да се прекрши и одбие
твојот профил да се обликува појасно
макар и ништо да не не објаснува:
ни империјата, ни мемоарите
ни градот што го подигнав во мислата променлива
- еден град повеќе во Елада, љубената
ниту слободата повеќе од власта што ја сакаше
и Latio не, ни кованите пекунии
со ликот на Антиној, обожаваниот
Humanitas Felicitas Libertas
ниту твојата библиотека која се обновува
лека-полека по светот
ниту противниците, не ни жените не
ни смртта твоја и на твоите современици
и коњот не, и знакот на небото
и мачката со боја на пустина, мед и сонце
(според описот на Јурсенар)
ни патувањата, ни пророштвата
не, не, не, во право си кога се сомневаш
во смртта, кога му се предаваш
на Допирот-Убавината-Сласта
како на Смисла
зашто, поместувајќи ги границите
на крвта, плотта, идејата
животот пренесувајќи го
од една метафора на друга
го одложи толку многу
што остана и за нас!
________________________
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Ми го криви вратот, ми ја откопчува блузата, ме бакнува и ме журка со мустаќите.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)