Се повтори оној ист разговор што го водеше Толе со дедот Волчета Мијов над Орле, со еден исклучок што не му кажа веднаш кој е, ами го матна со друго име и оди да бара некое добитче да купи по овие села.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)