Во исто време во некои европски домови навлегува покуќнината Бидермаер, по која многу подоцна (денес) ќе копнеат внуците на македонските селани од Кукулино, премногу рамнодушни за да знаат дека еднаш, во илјада седумстотини четириесет и првото лето господово, еден нивни подалечен дедо, скитник, калуѓер, бакрорезец, иконописец и хералдичар го објавил во Москва грбот на својата земја - жолт лав на црвено поле.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тогаш, две години пред раѓањето на српскиот социјал-утопист Пелагиќ и две години по смртта на францускиот социјал-утопист Фурие, припадникот на движењето Млада Германија, Гуцков, проповеда во својата литература еманципација на жената напаѓајќи го црковниот брак; во Македонија, негде во Леринско, потурчени се сосила три девојки, четвртата е силувана и оставена на пченкарна нива со пресечено грло, и убиен е негде во Скопје поетот мечтател Селџик-бег, Турчин и заштитник на православната сиромаштија; мртов не ќе го види уништувањето на шумите на тој народец кога во Европа почнува засиленото садење на борови.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
И нека се знае, преку говорот на летописот, за вас кои доаѓате: тројца бевме, Лествичникот, Филозофот и јас, Иларион Мозаичник, во шест илјади триста седумдесет и второто лето Господово, на вториот индикт од создавањето на светот, во месецот петти, ден од месецот тринаесетти; слегувавме, за третиот печат од вратата на одајата кобна да го отвориме, по третпат во неа сподобие човечко да влезе.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)