Ти Воин зол со молњи во белките што негде под срцето на оваа црна страдница добрината ја закопа, на овој брег што својот молк го посади а крик израсте; Ќе извикам безгласно ако е вик молчењето Воинот загина, тој злочест Воин, Житијата само останаа….
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Јагулата, сирена на студените мориња што го напушта Балтикот за да им се придружи на нашите мориња, на нашите утоки, на реките низ кои се движи, узводно, в длабини, и пресрет на дивини, од ракав до ракав речен, сѐ поневидлива постојано сѐ подлабоко, сѐ повеќе во срцето на каменот, провлекувајќи се низ бразди од тиње до денот кога светлината ќе блесне од костените и ќе ја запали молњата во барите на мртвите води по удолните длабини на апенинските стрмнини кон Ромања; јагулата, факел, бич, стрела на Амор кон земјата кајшто сал нашите бразди и суводолици на Пиринеите водат до рајот на оплодувањето; зелена душа што бара живот таму каде што е сал апеж од жега и тага искра што вели сѐ почнува кога изгрева стебло исушено и јагленосано; божилак миговен, двоглед внесен меѓу твоите клепки и блескаш неизвалкана меѓу синовите на човекот, потонати во твојата кал: зар можеш ли ти да не ја сметаш за сестра?
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
1. Сеприсутно око
(гноса)
Додека ја трошев надежта
- ја ронев како суво лепче по земји
на пилците ја фрлав –
лишена од коњи, пци и свињи9
без можност да заминам, Госпо Нуит10
под сводот твој распнат
ко Животинско Царство
око на Хадит
надежта додека ја губев
а сенката ми се ретчеше ко магла
сè додека не стана Ништо
чудно и иноземно
блесна Волја без сврха, чиста пречиста
страотно бела и остра ко молња
во мрак со боја на зрел бозел
со прелив морен и густ
на Хеката, кралицата на Стигите
и ноќите без месечина,
створени за медитација во први мугри
за Служба на Речта11 - тој сонлив отсјај на светот
фрлен врз скерлетен скиптар
ко еликсир -
сега читам во темно
во далечина гледам
отаде предметите
небаре нема ни време ни простор
меѓу мене и Другото
небаре сѐ е веќе запишано или навестено
небаре она кое било или ќе биде
секогаш Е секаде
волја-заради-волја
склад и волја
моќ!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)