Како извор како глечер што под карпата се буди Искачен на лесни нозе а со копита од кремен Облак пенлив што го знае секој камен секој срт А по дното на поилото само еднаш кај ќе згазне растат млади месечини.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Ноќта бргу падна, сијалиците го заменија сонцето во одајките и додека вечераа во кујната, со нурнат поглед во чинијата со манџа Пелагија го откри Егеецот Димостен, Влав од селата на Кожув Планина, човекот со дрвената нога, со убавото лице, со благиот глас, со косата што паѓа врз очите, рече додека тој се биел против фашистите со партизаните, го запалиле неговото село, со другите куќи изгорела и неговата куќа, ама во неговата куќа била неговата жена и деца и оти далеку во други планини со бојови зафатен за несреќата дознава дури кога и тој останал без една нога а се лекувал тука близу Скопје, во партизанската болница Катланово.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
А сите што барем малку се одбираат во зелки знаат дека зелките немаат нозе а и чуму им се нозе на зелките кога умот е во главата а не во нозете, а од главата се стркалуваат и се истураат во јавето и сите тукушто зачнати и тукушто отсонувани соништа.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Бреговите тоа го гледаа, се поткреваа и шептеа нешто со тополите врз нив, па тој не забележа пред него како се покажа и друго место, по него пак друго, сѐ некогашно и сѐ познато и драго, и преплашен скокна од потајниот допир кога го полази тенка водена жила што се провре меѓу прстите на нозете а потоа му ги покри стопалата и низ тенко жуборење водата почна да се качува по него нагоре, да се тимари, да го гали; забележа свиткани како лежат исушените стракчиња билки на дното и како го тркалаат грагорот пред себе еден величенствен облик.
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)