Како кошаре се отворив
со матарка се премазав
да се помамиш по мирисот
да ми дојдеш
матицо моја
станав кревок и подгорен пергамент
мозаик незаштитен со песок
непрекриен со мрак
се оптегнав како апсида
за да стапнеш, конечно, во мене
со поглед вперен угоре
налик на реквием или псалм
одекот да ти биде
длабок.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
А и одекот да си го чуе. Не како од високите згради на кои работеше во Прага и Будимпешта кога ќе му дојдеше некоја желба од детството и кога ќе помислеше на овие краишта, ќе завикаше со сиот глас, но од бучежот на дигалките и автомобилите, гласот се задушуваше и не можеше ни тој да си го чуе, а камоли да му се врати.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)