На „балканското проклетство” така, од книга до книга, му спротивставува световен рај на толеранција, сличен на зелениот рај на детската љубов опеана од Шарл Бодлер: златно доба на несигурна конзистентност, парада на сити деца и разиграни животни, каде што семејствата се збратимуваат (покрај разликите во јазиците и религиите, етничките кланови и политичките догми), некаде помеѓу песните и извиците, некако субверзивно солидарни, како што се оние предизвикани од митскиот Чанга: „Да живее козата на комшијата!“
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
на дуњава има многу дупки: дупки во времето дупки на патиштата (кон посветла иднина) дупки во умот и помнењето дупки во историјата дупки на кофите дупки во самите дупки во дупнатите дупки секој глас мигум исчезнува нема довикување, нема ехо нема навивање за нашите нема паради на гордоста нема врескање во маалата нема лелекања во градските населби ги нема ни паролите на пролетерите од сите земји дупнатите дупки се царство на глувотијата, мавзолеј во изградба на глувата глувотија во глувите дупки оглувуват деца пред да вкусат кисела зелка а старците веќе одамна оглувнати го трпат неизбежниот пораз што пред да пропаднат во глувите дупки им го претставуваа како живот некои старци сакаат да им пукне бојлерот додека се тушираат арно ама во глувите дупки и бојлерите експлодираат глуво и на тој начин го даваат својот придонес во размножувањето на општата глувотија во која старците загинуваат од глуви експлозии.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Парадата на раскошната тоалета започна уште пред влезот на хотелот. Довчерашните девојчиња зрачеа со божествена убавина.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Меѓу другите забави Софија што ги имаше во почетокот на ова лето, посебно интересирање предизвика необичната парада на ветераните од автомобилскиот свет - стари модели на „Мерцедеси“, „Буици“, „Фиати“ и други.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Сѐ што речеш ил помислиш не стивнува Тук, останува, тлее во вечната правда Не порекнувај оти дур в идни животи ќе страдаш Не се шегувам, не, ова не е никаква парада На хирови и суети, туку уште од доба стара
„Сите притоки се слеваат во моето корито“
од Марта Маркоска
(2009)
Сакаше да прсне вратата во илјада искри, да влезат прогонувачите со гладни челични цевки свртени кон неговото грло, да го уништат, со неговото уништување да ја уништат и парадата на пакосните портрети родени во пијана занесеност на оној што ја остави својата седалка за милување и појде, го уверуваше, по лекар.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Кревалката е и да крева погрешно паркирани мечти да не направат општ метеж и да ја спречат најавената парада на гордите маченици
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
кај станицата синџуку во токио тој петок, да беше петок, се собираа педери кои во јазикот на новото време се именуваат како хомосексуалци а нивните паради се именуваат како геј паради и навистина чиста случајност е што токму во геј улицата близу станицата синџуку во токио имаше многу бездомни кучиња, мала парада на бездомни кучиња кои никаде не брзаат а дишат испрекинато и кога зјапаат во минувачите и кога се клецкаат, да простите близу станицата синџуку се наоѓа градската куќа на токио вообразена и вообличена како бетонски нотр дам баш тука како да се разминав во врвулицата со професорот кензо танге арно ама не стасав да го поздравам од пријателите од скопје професорот кензо танге кому во токио сите му се поклонуваат сигурно горчливо ќе се насмевнеше ако успеев да му го спомнам скопје тој и онака севезден се смее, се смее и на легендата дека токио и цела јапонија се создадени од божјата насмевка и онака низ смеа професорот кензо танге кај станицата синџуку во токио шутна една празна лименка од пиво а знаеше дека го шутира испиеното минато како што знаеше дека син му кокомо кога тогаш во токио ќе сади нови јајца и на врв јајце ќе се насладува со цедени насмевки и ќе ја ишка секоја идна катастрофа пред да удрат ѕвоната на бетонскиот нотр дам.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)