Додека се обидувам, осмиот месец од
оваа година, MCMLXXX
достоинствено да го започнам писмово до тебе
ја откопчувам душата како елек
и шаторот твој го распнувам сосема
меѓу вториот и дваесеттиот век
резот е доволно длабок и горешт
светлината да се прекрши и одбие
твојот профил да се обликува појасно
макар и ништо да не не објаснува:
ни империјата, ни мемоарите
ни градот што го подигнав во мислата променлива
- еден град повеќе во Елада, љубената
ниту слободата повеќе од власта што ја сакаше
и Latio не, ни кованите пекунии
со ликот на Антиној, обожаваниот
Humanitas Felicitas Libertas
ниту твојата библиотека која се обновува
лека-полека по светот
ниту противниците, не ни жените не
ни смртта твоја и на твоите современици
и коњот не, и знакот на небото
и мачката со боја на пустина, мед и сонце
(според описот на Јурсенар)
ни патувањата, ни пророштвата
не, не, не, во право си кога се сомневаш
во смртта, кога му се предаваш
на Допирот-Убавината-Сласта
како на Смисла
зашто, поместувајќи ги границите
на крвта, плотта, идејата
животот пренесувајќи го
од една метафора на друга
го одложи толку многу
што остана и за нас!
________________________
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Во право си, пријателе, но ние ќе го следиме во нас самите текот на историјата на јазикот!
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Во право си, мој Камилски, без оглед кај кој народ или нација ќе се појави, табиетот си останува табиет.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Така, на пример, табиетите на Џингис Хан, Сулејман Величествениот или Наполеон остануваат речиси исти.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
СОЊА: Во право си. (Пауза.) Ќе мораш да се селиш од овој стан. Му го изнајмив на Халил Хабиб. Плати две години однапред во девизи.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)