Каде ни се заборавените зборови
пред кои запиравме како пред можност
да се најде изгубеното
каде се зборовите дрочни со смрчки
зборовите што нѐ попрскуваа
со нектар и семе по крилцата и ципите
срамежливи и бесрамни
зборовите заради коишто
капаците би си ги склопиле
и би се префрлиле слободно
во другото тело како во свое
во своето како во туѓо
по архимедовиот закон
со озрачени души
да не останеме полуживи и сами вечно
и од јазикот да се откажеме
доброволно, како од љубовта
при сѐ што сакавме
да бидеме заедно
уште, огин-и-ништо
залудно!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
А пролетнот ветер го разнел семето по доловите и ридиштата, по целата земја.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)