Иако за него се грижеше Митра, баба му, откако се преселија во една од долгите бараки, инаку штали порано, Дончо уште првите денови заталка низ Острово, откри дека ако се оди на онаа страна каде што изгрева сонцето се стигнува до една огромна огромна вода што изгледа како сиво платно на кое не му се гледа ни почеток ни крај ама некој од кај сонцето како да го влечи влечи и се потсетува дека од Митра е предупреден да не се приближува до каналот оти и во плитка вода човек можел да се удави, башка што змија може да ти се замота околу нозете или крастава зелена жаба да ти скокне в уста, ама за оваа огромна вода никој ништо не му рекол и по долгото клечење крај неа заклучи дека ова не треба никому да го кажува, да си ја чува како тајна само негова и тргна по патчето крај неа совладувајќи некои грмушки, некои корења, надолу надолу дури до онде каде што таа голема вода се сретнуваше со една малечка рекичка покриена со врби и кој ти знае уште со какви дрвја, водата од малата рекичка бистра па се гледаше сѐ под неа и сакајќи да помине преку неа за да го следи брегот на големата вода откри дека почна да му се качува до кај колената и се сети на предупредувањето од Митра дека можеби ова е каналот и дека во плитка вода човек може лесно да се удави па се подврати, е, кога веќе го нема човекот што го трга сивото платно, поарно е да го фати ова патче што оди нагоре покрај малата рекичка следен од крекање на жаби и чрчорења на секакви птици горе во дрвјата.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)