твој (имн.) - колк (имн.)

Облите колкови твои се како веришки, дело од рацете на вешт уметник, папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја – купа пченица, опкружена со кринови; двете твои гради – како две јаренца, близначиња на срна; вратот твој – како столб од слонова коска; очите твои – Есевонски езерца кај Ватравимските порти; носот твој – Ливанска кула, свртена кон Дамаск; главата твоја на тебе – како Кармил; а косата на главата твоја како пурпур; цар се вплел во плетенките; Таа: положи ме како печат на срцето свое, како печат на мишката своја, зашто љубовта е силна како смрт; љубомората – лута како пекол; стрелите нејзини се стрели огнени; огнен жар на нејзиниот пламен; Тој: поведи ме во вселената своја, во лозјето, во градините, меѓу кринови, меѓу твоите колкови, две веришки, две кули камени, во својата утроба, во купа пченица!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)