Тој ја напушти стражарницата и му се врати на езерото без кое не можеше: ги оптегнуваше мрежите на диреците крај куќата, ги чистеше од тревје и алги, шеташе со прстите по нив како по жици од харфа потпевнувајќи си; кога ќе му дојдеше дремката, легнуваше на песокта крај езерото, и додека тоа тивко, како некое жужаленче жужаше на песокта, тој тонеше во длабок сон; спиеше сѐ додека на зајдисонце не му затропаше добитокот што идеше од пасење и навраќаше да се напие вода; а кога ќе легнеше поднапиен, тогаш ни тапани не го будеа; стануваше кога некој од домашните ќе го растресеше.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)