За време на граѓанската Понтјите беа пребегнати во Лерин, а во нивните куќи беа се сместиле членовите на таканаречената привремена демократска влада на Грција, која беше формирана во декември 1947 во преспанското село Асамати што се наоѓа во Република Македонија.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)