Од раѓањето па до венчавката девојките најчесто беа чувани во потполно незнаење за сексуалноста и можеа само нејасно да ги насетуваат нештата; од дома излегуваа само во придружба на мајките или на некој од повозрасните роднини; од нив се криеше секоја претстава за интимните делови на машкото тело и секоја претстава за интимниот однос.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Нишан
(поделено јас)
Договор е јаболко да не клаваме
во разговорот - кутија отворена:
раздорот, пан-доратот
на мегдан сам ќе дојде
во ситен кас, ненасит
јаболкото е за по дома
уште повнатре
за интимни дела
(пред употребата добро да се одмери)
уште повнатре
во умот без него
-една глава сто ума-
расцеп на личноста, пизма без име
како јас-бол, како разроко јас
поделено јаболко: поделено ти
камен-меѓник (кај и да погледнеш!)
во мојата нива коренот
во твојата плодот
а сенката паѓа на сите страни
на светот, АДАМ.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)