Како најобичен светилничар сека зора се прашувам на ‘ртот: како ли ќе изгледаше историјата на нашето место ако моите кога не бев замомчен не ме дадоа за светилничар?
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Вљубени во бреговите и плажите, ртовите и гребените, карпите, полуостровите и линиите на брегот, тргнавме последниот ден од рамазанот, откако успеав да го совладам егзотичниот менувач на реното, низ буганвилии и низ заслепувачката сончева светлина источно од Тангер кон карпите на ртот Спартел, кадешто Гибралтарскиот теснец се сретнува со Атлантскиот океан, а од таму покрај брегот кон југ низ со риба богатиот Асилах до од пат тргнатиот крајбрежен парк наречен Дипломатска шума, кадешто застанавме за да пливаме.
„МАРГИНА бр. 34“
(1996)
Јас, матрица, матка, матерка,
модра, мадра, мудра матрона
од Другиот свет
(не, овој никогаш не ми бил доволен!)
ти повелам:
влези во морето
не мисли на немоќта
оти никогаш не знаеш
колку ќе издржиш
и во болот, и во ужитокот
пливај до кајшто гледаш
а гледај далеку, секогаш подалеку
јас глаголам задумно на 'ртот
зборувам на својот мајчин јазик
(о, какво олеснување, каква удобност!)
и сила ти давам
а не утеха!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)