Секогаш се бараме во некакви небиднини, несоници, во разни прегрешенија мудроста нѐ збудалува, милоста е дар кој најретко го даруваме, богатството на ближниот е наша потреба, и туѓото лицемерие е секогаш поголемо од нашето, а ние невини, насмеани пред сѐ ново и неразбирливо, измешано со надежта на новите намери, го мериме преостанатото време за воскресение.
„Записки“
од Милчо Мисоски
(2013)
Тој стоеше над неа, гледаше во мене и се смешкаше, и јас видов дека во раката држи калем од небесна лач, калем каков што дотогаш не бев видел; се смешкаше благо, благоутробно, понизно, молежливо, благодарно, со чиста љубов и милост кон мене, и јас гледав во тие негови очи кои сега зрачеа со жар тивка, жар што долго и бавно ги грее душите на ближните, жар непакосна, нужна за живот, како сонцето што дава топлина, како мудроста блага, а не како пламенот на суетата, слама пламната, оти сонцето дава живот затоа што не пали и гори, туку загрева и стоплува.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
2. Од збор до зло-дело
Се згрозив, Бела Троице18живата реч ја сведов на зашеметен шум
зелен страв и црн смев
иронија
алегорија
карикатура
убавото го нагрдив
оти видов
на секоја педа од домот мој
похота по туѓ имот
стрвност по стихијност
ставање рецки на почеток и крај
во историјата
(за да може да се викне „мое“
и да се потегне!)
оти видов
луѓе се насладуваат во јадот на ближниот
се ситат ненаситно
еда просто ситење својствено човеку
створу божјему, ѕверу, укору!
оти очите ми претекоа од гледање
зборот ми се преврте наопаку
- опак камшик
очигледен!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)