од (предл.) - вилица (имн.)

Брадата го открива карактерот кај човекот: оној што ја пушта брадата да му расте слободно, природно, диво, без да ја дотерува и обликува - има нешто уметничко во себе, повеќе го обликува духот отколку брадата; оној, пак, што ја потскаструва брадата, што ја дотерува, негува и обликува - ја искажува својата префинетост, нежност, желба за блискост и допадливост; оној што ѝ дава форма на брадата во вид на трака што му врви преку вилицата и се спојува со зулуфите - сака да е упадлив, да обрне внимание на себе; оној што ја бричи брадата само на врвот од вилицата оставајќи ја гола како јајце и надевајќи ѝ на брадата од образите да се спои, прекинувајќи ја како прекинат мост - тој ја искажува својата затвореност, потиштеност, нерешителност, колебливост; оној што ја пушта брадата да му расте само на врвот од вилицата спојувајќи ја со мустаќите, ја изразува својата ученост и љубопитност кон сѐ, полн е со енергија и сигурност во себе; оној што ја остава брадата да му расте во вид на шилец или ластовичино крилце спуштајќи ја накај гушата - пргав е и склон кон брзање: брза и во мислите и во постапките; оној што носи порабена „шпанска брада“, полн е со искушенија и желби за доживувања, за авантури, за весел и безгрижен живот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)