преку (предл.) - цел (прид.)

Притоа, болежлив и сѐ уште до крај нездушен со луѓето, постојано се мавташе низ бостаните, низ житјата и покрај лозјата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Во слободното време, во неделите и празниците, кога полето е празно, освен овчарите, воларите и говедарите друг никого нема таму па тоа не мора ни да се чува, сам ги истреби и ги огради изворите во Јасики - оттогаш жителите на Потковицата ги викаа Веданови Извори - а во делниците од наутро до навечер, а во убавите лета и преку цела ноќ, го обиколуваше синорот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тој преку целиот ден само брза, трча, трча од дома на автобус, на воз, во метро за да стигне навреме на работа, а тоа исто го прави и кога се враќа дома од работа.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Било тешко, се жалеше Амер, но додаваше дека ќе издржи само да може да работи постојано, преку цела година.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Преку цел ден, во разни делови на Изложбата, Американците маршираат со својата блех-музика, довлечена дури од САД.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
ДОЛУ ГОЛЕМИОТ БРАТ беше испишано преку целата страница, со букви доволно големи за да можат да се распознаат преку собата.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Така преку цел ден, така утре, задутре, цела недела... Мајка му почна да мисли нешто. Три тегли мармалад се испразнија.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Не е тоа дека тој се задржува, бидејќи бев во можност по неговата сребрена трага да се уверам како својот од го продолжува и оди во добар правец, иако тоа за него значи качување и симнување низ безброј ѕидови или преминување преку цела фабрика за макарони.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Онаа што сакам да го сугерирам е: за смислено да интерпретираме дадена ситуација ние повикуваме стотици шеми од нашето „множество на шеми” и дека искуството собрано преку целиот наш живот, вештините и општото знаење, нашите сеќавања за различни случки, може да е кодирано во таква лична „енциклопедија” од илјадници шеми, збогатена и од вербалниот домен за да инкорпорира и репрезантации на акции и перцепции, мотиви и емоции, лични и социјални интеракции и на крај, на јас-ството.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Што се однесува до Дедо Мраз, во тоа време ние децата го сакавме како што и денешниве, но малку верувавме во неговата моќ, всушност, во тоа дека може да ни ги оствари желбите што први ќе ни паднеа на ум или што ги влечкавме преку целата година.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
И се сетив веднаш на чичко Славе од Пореч, кој преку цело лето продаваше излеани восочни свеќички во форма на животинки, од кои врв му беше „Адриатик делфин“, а се сончаше исклучиво на нудистичка плажа.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
„Милан Саздов - пишува Шатев - преку целата зима ја исполнуваше наложената конспиративна задача со ентузијазам и секогаш со особена радост.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Еден дел од широкиот двор беше покриен со лозници и насекаде имаше цвеќиња: во предниот дел од дворот во март месец по земјата се ширеа бели и розови зумбули, во април потокалови и црвени лалиња, а над нив се извиваа тенките но густи како букети - бели и лилави јорговани кои расцутуваа во мај, додека преку целото лето низ дворот се ширеа бели маргаритки.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Што не учел преку целата година како јас, па да си биде мирен и да си ги брои петките, а не сега, на крајот му текна?
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Рафалот беше му поминал преку целата слабина зад мене.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се удираме, преку целото лице се удираме и после само се чешаме, се дрпаме по удреното.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Беше тоа она, што преку целиот ден го демнеше од зад стеблата, а сега можеше да излегува и да му се приближува и тој секогаш наново можеше да го наоѓа сѐ поблиску до себе, спружен.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
„Па Цементарница - Усје преку цела година загадува - дури до падините на Водно!“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
- Ги зачував недопишаните тетратки, размислуваше Влатко, ќе имам преку цела година листови за концепт, прибелешки, вежбање и за слободни активности.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)