Всушност, тие според брат ми во тоа време уште не биле народ, затоа што, пишуваше, биле сѐ уште само „семитски племиња“ населени во „гранична провинција“ и од нив, здружувајќи ги, Мојсеј ќе создаде народ, со цел да ја шири верата во едниот и единствен Бог – Атон, па со нив тргнал во потрага по светата земја.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Иако “египетскиот Мојсеј никогаш не бил во Кадис ниту пак го слушнал името Јахве, а мадијамскиот Мојсеј никогаш не бил во Египет ниту пак знаел нешто за Атон”, тие останале запомнети како еден човек, затоа што “Мојсеевата религија ја познаваме во нејзиниот конечен облик, во каков што, да речеме осумстотини години по Ишодот, ја фиксирало еврејското свештенство”, а во тоа време двата Мојсеја веќе биле соединети во еден единствен лик, и Атон и Јахве во еден единствен Бог, во самиот себе различен онака како што се различни денот и ноќта, токму затоа што се два бога во еден.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Кога брат ми на светот му го соопштувал ова свое сфаќање како апсолутна вистина, не се сетил на мојата болка од она попладне кога тој имаше тринаесет, а јас седум години, онаа болка и оној страв предизвикани од погледот на разликите на нашите тела, од помислата на раснењето и делењето со детството, од претчувството дека мојот живот и неговиот живот нема да продолжат заедно и ќе чекорат одвоено кон смртта; го заборавил тоа попладне и тагата и стравот што потекнаа од него и што како сенка паѓаа врз мене претворајќи се во некоја друга тага, во некој друг страв, влевајќи се во некои други таги и стравови.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Станувањето женско според брат ми не беше резултат само на биолошка предодреденост, не беше анатомски факт, ниту пак метафизичка даденост и нешто што лежи во неодгатливоста на душата, туку беше процес придвижен од зависта, и по завршувањето на тој процес зависта остануваше во животот на секоја жена, како траен белег на она прво жестоко чувствување на осакатеност заради немањето машки полов орган.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Култот на Јахве, според брат ми, меѓу Евреите го раширил мадијамскиот овчар кој имал исто име како и египетскиот водач - Мојсеј; но овој, вториот Мојсеј, под чие водство еврејскиот народ ја освоил земјата хананска, проповедал Бог кој бил потполна спротивност на Атон: Јахве бил обожуван од арабиското племе Мадијамци како „страшен, крволочен демон кој се појавува ноќе, додека избегнувал дневна светлина“; „суровиот, тесноград, локален Бог, насилен и крвожеден, им ветувал на своите поклоници земја ‘во која тече млеко и мед’, ги повикувал да ги истребат ‘со оштрицата на мечот’ нејзините тогашни жители”, сосема спротивно од проповедите на египетскиот Мојсеј кој на Евреите им дал “поинаква, продуховена претстава за Бог, идеја за едно единствено божество кое го опфаќа сиот свет, божество кое е исполнето со љубов подеднакво колку што е исполнето со моќ, и кое на луѓето како највисока цел им го поставувало животот во вистина и праведност”.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Но, тие луѓе не можеле да се откажат од своите стари верувања, од своето семитско многубоштво, а секој што ќе се откажел од вербата во новиот Бог бил казнуван, по Мојсеева наредба, од неговите блиски приврзаници.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)