И се случило Панделиј Каламарис трипати да се споулави: еднаш кога останал сам и ранет во рамо меѓу своите мртви борци (и болен водел чета темни пушкари) со кои раснел и сонувал битки; потоа кога војводата Зигас, за да не се предаде жив, фрлил запален факел во бурињата со барут и, чиниш се здружиле стотици молњи и громови, летнал на парчиња кон сонцето покриено со чад; најпосле, кога десетина жени со дребни дечиња в раце се фрлиле за одбрана на честа во водопадите на Црна Река, меѓу нив и жената на Панделиј со близначињата.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Ars poetica
кога го опеваш не го спомнувај
морето, туку кажи делфин
кажи алга, кажи блуз
или
за морепловците, потонатите ’ртови
јодот и струјата зборувај
за солта, нуркачите, светилниците
за галиите, фосилите, коралите
за одронувањата, песокта, реумата
за ритамот
за матката
за бродоломците
за капаците на прозорците, кристалите и
авантурите, морските болести и трговијата
на свила и бело робје
за капетаните последни што умираат
за проститутките кои не се надеваат...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
И споулавен, некако се спроврел низ трупови и урнатини до грмушки на ридишта од кои со запалени очи гледал како аскерот ги докусурува ранетите востаници и ги закитува со пламен куќите на Негуш, потоа со камшици и кундаци да ги гони низ февруарско сивило пленетите жени и деца кон пазари на бело робје.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)