1. Преобразби
„Срцето ме влече да ги опеам преобразбите
во други тела“,23 на Ѓаволот конецот
намотан на макара да го замрсувам
јазикот да го вртам вртоглаво
на врвот врв да најдам
во коцката, коцка-бесконечност
во кругот, точка-вселена
за габите легло, да го откријам
-пред да пропеат првите петли-
мистериозниот отпечаток, совршено обол
божјата преса по европските полиња
додека житото живее знак дава
човекот да се прилагоди на чуда
и да мисли низ чудеса
небаре сѐ е
од два краја составено
на два раздвоено, непостојано
хаос и космос секаде и секогаш
отровен и неотровен свет двојници
свет условно отворен
на слобода пуштен
за да биде поблиску до смртта
најаве
одошто теориски.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)