2 Според подоцнежното раскажување на кукулинецот Лозан Перуника* (значи по седумдесет и осум години од настанот, кога тој веќе бил на прагот на своето столетие, поточно - според записите на некој калуѓер од илјада деветстотини и тринаесеттата година, кога веќе се гризеле со оган и челик под знамиња на лав или двоглав орел и атакувале едни на други преку полумртви села и градови во прашина, во чад и во треска бугарските дивизии на генералите Тошев, Ковачев и Иванов и српските дивизии од Првата, Втората и Третата армија на престолонаследникот Александар и на генералите Степановиќ и Јанковиќ, и едните и другите, мобилизирајќи ги македонските голтари од вардарскиот, пиринскиот и егејскиот дел на својот вилает да пукаат едни во други**, додавајќи му ги на тој хаос и грчките војски, сите три крунисани влади на тие армии во алчна агонија да лапнат по еден залак од Македонија), во она време големоглавиот и бабуњосан Адам Леновец им раскажувал на неколцина од дружината дека попчето што го мердале ноќе во Лесново не се занесувало толку по идејата на грчката Патријаршија за една голема и од Зевс или Саваот благословена Елада, тој неграмотник со ретка брада можеби за тоа и не знаел, колку што сакал да ги завлече прстите со многу топчести ковчиња под ленената кошула на Фиданка Кукникова; каменоделците по ден, најчесто пред своите жени со загатливо сомневање под клепките, ја проколнувале и ја пцуеле убавицата со дамки, со тие златни очи на страст и копнеж по милување, а ноќе станувале од постелите на своите жени, божем во дворот ќе шопаат широко расчекорени и без воздишки по она што пред тоа го сонувале, всушност како лилјаци ја облетувале Фиданкината куќа со еден прозорец под бушавиот сламен покрив и со напукнат оџак; жените веќе нешто знаеле за ноќната лилјачка игра на своите мустаќести балами и со дукат го наговарале попот да се преправи во козинав врколак и да внесе страв во селото; ама и на попот, како што раскажувале, не му висел под папок суџук од мелено козјо месо; и тој станувал бабачко кога ќе се сетел какви тајни си криеле жените под кошулите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Нема извори на живот. Животот е извор што се пие себеси.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
А кога почнале да товарат во запрегите торби, дисаги и вреќи од испосошиени ненужни крпишта, кога се видело дека на пат се носи пченкарно брашно, пресуво, преслабо и пресолено козјо месо, низи кромид, лук и пиперки, сирење, малку помеко од камен, изварка, сол, ракија, суви овошки и којзнае што, и другите освен старците знаеле дека сѐ е пресметано од порано - сиромаштијата не е без разум и кога е без леб.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Не бил нем само Онисифор, тој, со лузната, туку и сите други заедно со жените и децата што помагале во запрегнувањето на добитокот во двоколките на кои ќе се донесат воденичките камења од Лесново, по нивна сметка пред да созреат црешите, пред лето значи, и луѓето редум ќе ги израстоварат на брегот на Давидица, секој својот товар пред своја воденица што жената или некој старец или роднина од Побожјане, од Бањанци, од Кучковица или од Мирковци ќе ја допокрие.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)