Најмногу душата му се собираше кога делкаше воденички камења; со денови вртеше околу карпата од која требаше да се издвои поголем камен од кој требаше да се изделка воденички камен: ја набљудуваше карпата, секоја нејзина жилка ја проучуваше: од каде трга и каде оди, каде се разгранува, слично на ботаничарот што ги проучува жилките на растенијата, како дрварот што го проучува дрвото од која страна да почне да го цепи; го проучуваше до каде оди цврстиот дел на каменот, а од каде почнува болниот; го обележуваше со креда, со керамитка, со врвот од глетото.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Ноќта, кога се колнеа во љубовта што го потврди непишаното правило дека таа може да се роди и на прв поглед, Авни ја преточуваше нејзината долга коса низ прстите велејќи ѝ дека тоа го потсетува на заграбите трева во ливадите на Орлик, кога како дете ги пасел говедата. Ѝ велеше дека нејзината коса го потсетува на мирисот на тревата, на питомото и дивото што извирало од нејзините жилки, претворајќи се во жештина што треба да се истури и дека тој ја чувствува таа потреба затоа што топлите, танки прстиња на Сања, веќе се шетаа по брановите на неговата црна коса, по тилот, и продолжуваа по вратот, по рамената и надолу по грбот, слегувајќи како повев на јужен ветар на страните од бутовите во кои Авни ја нафрли сета своја машкост вовлечена меѓу широко раширените нозе на девојчето.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)