Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Кога му зарасте раната на Лоте, Бандо даде ново пиење за вториот живот од Лоте. Пиеја, пееја, плачеа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)