Со ноќи потем сонував дека таа неизвесност ја платил со глава; го мислев, господин судија, не дека не сум го мислела; го сонував како паѓа од тој проклет трапез, од огромна височина и како си го крши вратот; се будев во пот и плачев; подоцна, многу подоцна, дури и го посакував, како жена што посакува маж; имаше ноќи во кои посакував да се спакувам и да заминам (оти Партијата, како и секоја партија, пропадна како брод од хартија), но секогаш брзо се соземав.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Но сепак малку подоцна Филип Д. (во тоа сосема е сигурен) наеднаш се виде себеси поставен на огромната височина на денот , таму од каде што преку планините можеш да ја видиш ноќта во нејзиното мрачно легло; или, (што исто така беше можно) се виде качен на високата планина на ноќта па оттаму, преку ридовите, го гледаше денот како забрзано ја освојува планината.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)