Оние во шарените куќички под огромниот крст на врв рид си веруваат ли, веруваат дека некоја заскитана пеперутка од Андите само што не им слетала на левото рамо да им донесе троа среќа, не мора една вреќа ами сал троа среќа, а најсреќни се, се разбрира, тие кои уште од раѓање ќе си се вгнездат во некој убав сон и ним им заблазнуваат сите.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Да потпораснеш, да се напласти снег повисок од твојот бој, утринум рано со бадник и со торбуле да чукнеш на вратата на дета ти, тетка ти, да ги затечеш покрај огниште, да им бакнеш рака, да те благословат; нешто потоа, како во сон да видиш една огромна смрзната река во која се фрла крстот и по него се фрлаат и неколкумина за да и на овие свои години пак да не можеш да сфатиш дека сето тоа било една обична рекичка, мал јаз, еден поп и еден огромен крст и молитви што се издигаат до небесата...
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Понекогаш квечерум чистачот на чевли од Plaza de Armas седнат пред портата на својата розова куќичка под огромниот крст на врв рид ќе фрли поглед на параглајдерите над Мирафлорес - колку да им довикне на аздисаните туристи и авантуристи дека сѐ што лета не е кондор, ќе фрли поглед чистачот на чевли и кон сурферите кај Баранко - колку да им довикне на јавачите врз сопствените мечти дека баш во Баранко опирањето на застоеноста на живеачката се правеше со вина, песни и убави жени, а не со некакви пластични секачи на морските бранови.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Оние во шарените куќички под огромниот крст на врв рид и утринава пијат дождовница од сопствените солзи - штоако се утрински, песните им се некако синкастобели, како облаците над Андите.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)