позитивен (прид.) - промена (имн.)

Токму во овие загрозени слоеви противмерките како што се образованието и лекување на наркоманите даваат најмалку резултати, а општествените мерки и можностите за позитивни промени се најслаби.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Неспособноста да се објасни на­чинот на кој ќе се ограничи потрошувачката, посебно загрижува поради фактот дека поголемата потрошувачка речиси сигурно би го влошила општественото раслојување што го следи проблемот на наркоманијата и би довела до нејзина концентрација меѓу сиромашните или оние што се на самиот раб од сиромаштвото.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Уште една позитивна промена е тоа што сега страните имаат можност да покренат постапка за мирно решавање на индивидуален спор и кога не е исплатена плата (чл. 2 од ЗИДЗМРРС/14), како поповолно решение од претходното кое нормираше дека ваквиот спор може да се поведе само при неисплата на најниска плата, а се допрецизираше и потребата од заедничка согласност на страните во спорот за решавање на индивидуален спор пред арбитер (чл. 28 од ЗИДЗМРРС/14).
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Уште една позитивна промена е што организаторот на работата со корисникот на социјална парична помош склучува договор за вработување. (чл. 8 од ЗИДЗСЗ/мај.13) Дополнително беше регулирана можноста корисник на социјална парична помош да може да се вработи кај работодавач во приватниот сектор со субвенционирано вработување, согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. (чл. 2 од ЗИДЗСЗ/фев.14)
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Во 2010 година е донесен нов Закон за служба во Армијата на Република Македонија, со кој беше заменет претходниот закон од 2002 година.145 Новиот закон донесе една позитивна промена во однос на остварувањето на правото на штрајк на вработените во одбраната.
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Ваквата формулација дава можност работникот да склучи договор за вработување на неопределено време, што секако е позитивна промена, но временскиот период од 2 години како минимален рок во кој работникот треба да продолжи да работи е несразмерно долго утврден и умесно би било да се размисли за сведување на овој временски услов на 6 месеци; ѓ) кај сезонската работа дојде до нејзино поблиско дефинирање како „работа која поради климатските или природните услови не се извршува во текот на целата година, туку во одредени периоди – сезони, која не надминува осум месеци во период од 12 последователни месеци“ (чл. 6 од ЗИДЗРО/фев.13) Инаку, ова е втор обид да се дефинира максималното траење на сезонската работа.
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Исто така, беше регулирано дека доколку работата предизвикува ризик по здравјето на мајката и детето, согласно прописите за безбедност и здравје при работа кои се однесуваат на бремени работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат, во тој случај работодавачот е должен да ја извести работничката за овие опасности при склучувањето на договорот за вработување (чл. 3 од ЗИДЗРО/јан.13); б) забраната за работодавачот да го откаже договорот за вработување поради бременост, раѓање, родителство или отсуство поради нега и чување на деца, освен за работничката, со новата формулација се прошири на секој работник, што од аспект на родителството е позитивна промена, бидејќи ниту еден пол нема ексклузивитет во подигањето и воспитувањето на детето и двајцата родители (онаму каде што ги има) еднакво придонесуваат за неговиот правилен раст и развој (чл. 23 од ЗИДЗРО/септ.10).
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Позитивни промени, пак, се следниве две: прво, укинувањето на ограничувањето на правото на штрајк на воените лица и цивилните лица на служба во АРМ на најмногу еднаш во текот на годината и, второ, стекнувањето со право на плата за време на штрајк на јавните и судските службеници.
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Во новиот закон, за разлика од стариот, се пропишува точен рок од 30 дена од приемот на Мислењето во кој лицето кое го прекршило правото на еднакви можности е должно да ја отстрани повредата на правото, што е позитивна промена во однос на стариот закон каде не се пропишува точно определен рок.
„Обезвреднување на трудот - 2 Анализа на трудово-правната легислатива во периодот 2010-2014“ од Мартин Краљевски, Дејан Лутовски, Ивица Костовски (2015)
Како позитивна промена може да се истакне давањето на приоритет при вработувањето на поранешните вработени доколку кај должникот се јави потреба од вработување работници.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Помеѓу ретките позитивни промени вреди да се истакне валоризирањето на степенот на образование при утврдувањето на основицата за пресметување и плаќање на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Промените, главно, се сведуваат на следново: а) одредбата која забрануваше работничка од областа на индустријата и градежништвото да може да се распореди на ноќна работа, ако работата во тоа време би ја оневозможила да оствари одмор од најмалку седум часа – во времето меѓу 22,00 часот и 5,00 часот наредниот ден (чл. 71, ЗРО/03 – Пречистен текст) беше заменета со порестриктивна одредба, која сега забранува само вршење на подземни физички работи во рудниците од страна на жени (чл. 160, ЗРО/05); б) кај бременоста дојде до две позитивни промени – се воведе забрана работодавачот да бара какви било податоци за бременоста на работничката, освен ако таа самата не му ги достави заради остварувањето на правата кои ѝ следуваат при бременост (чл. 163, ЗРО/05); а во т.н. постнатален период, односно една година по породувањето, се воведе и посебна дневна платена пауза, од час и половина, за доење на детето од страна на мајката -доилка (чл. 171, ЗРО/05).
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)