1. Сеприсутно око
(гноса)
Додека ја трошев надежта
- ја ронев како суво лепче по земји
на пилците ја фрлав –
лишена од коњи, пци и свињи9
без можност да заминам, Госпо Нуит10
под сводот твој распнат
ко Животинско Царство
око на Хадит
надежта додека ја губев
а сенката ми се ретчеше ко магла
сè додека не стана Ништо
чудно и иноземно
блесна Волја без сврха, чиста пречиста
страотно бела и остра ко молња
во мрак со боја на зрел бозел
со прелив морен и густ
на Хеката, кралицата на Стигите
и ноќите без месечина,
створени за медитација во први мугри
за Служба на Речта11 - тој сонлив отсјај на светот
фрлен врз скерлетен скиптар
ко еликсир -
сега читам во темно
во далечина гледам
отаде предметите
небаре нема ни време ни простор
меѓу мене и Другото
небаре сѐ е веќе запишано или навестено
небаре она кое било или ќе биде
секогаш Е секаде
волја-заради-волја
склад и волја
моќ!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)