24
Маглата се поткрева над котлините
визијата станува стварност
стравот се обвистинува:
се наѕира клисура, амбис сур
живописна урна
серт рис се задава од сртовите
како сираче, но отмен
и дрско убав, би рекла
смртно личен
само ревот негов ни бие
право в лице
насекаде околу-наоколу
мене и тебе, синко мој
бие бијно, очебијно
а сепак кревко
небаре може да се сотре
да се изгуби место нас
со еден замав на главата
со едно затнување на устата
со еден потег на четката
со мал премаз боја
со нов слој малтер
со обично будење од длабок сон
ама будење нема,
веќе нема назад и тебе те нема
Младост моја
само необичен сон, збор и допир
само задоцнета потрага по изгубеното
може да те оживее како свет -
но литературен
како сенка на сенката
„што било, пак ќе биде“
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)