туѓ (прид.) - именка (имн.)

ќе бараш наслови за следните книги Бесови песни, Лажна смрт, Плодни денови поетите ќе ги распознаваш по интонацијата а времињата и приликите според употребата на заповедниот начин карфиолот и модрите патлиџани ќе ги готвиш без рецепти, така што да побудуваат носталгија по домашно огниште и другите туѓи именки сеедно по којпат, сега чекаш - чекањето по дефиниција е бесконечно - можноста да напишеш песна лебди во собата како можност за љубов, како самовила цела како јајце, како гром, како Господ цела челото го збрчкуваш пред карстната перспектива на иднината и ги трошиш последните резерви надеж - тебе речиси непотребни.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)