Можеш ли да му ја поматиш верноста
кон земното, додавајќи знак по знак
откривајќи ги срамните делови
на твојот систем
загадочниот метод
небесниот свод- дом
за да може да оди по истиот пат
и да стига до истата цел
човекот, оној кој над црната точка
стрепи по сличното, од различното стрепи
спојува еден со друг:
еден и еден, два со два, седумдесетидва
името го дели на четири
елементи – I.H.V.H.
тетраграматонот го врти, го враќа
ред по ред реди
вистината на скрбта ја учи
завист и суета, суета и завист
сѐ е бесценет камен, а број
свет и сила
равенката меѓу нив се припикнува
како вода меѓу шуплинките во карпата
како зрак во мрачна капела
бели точки на црна површина
поделена на две:
еднооко човече
дворог Пан
троока нимфа
четириаголен круг
пирамидална петка
црно на црно
расфрлан, разигран
Ум на Светлоста
Умна светлост.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)