Нема вистински крај на нивната посета; нема последно уживање во чистата светлина на нивното конечно место за одмор, го нрма свечениот проштален појадок со конечниот леб со сусам на балконот покрај море, нема последно пливање во базенот, последен сет на тенис, последниот лесен ручек во ресторанот во анексот, последното нуркање без костим за капење на гребенот близу до нивната омилена мала плажа, го нема потоа поспаното одмарање врз лигештулите, последната купка во џакузи, последното доцнапопладневно повлекување за последен пат да се води љубов на последниот љубовен начин, паѓајќи во сон, кожа крај кожа, во взаемна прегратка; го нема последниот повик за будење од тој сон, последниот предел и десерт.
„МАРГИНА бр. 34“
(1996)
И пак: Додека луѓето во страв и ужас се криеја, по келарите од куќите и најдлабоките засолништа, од милијардите ледни погледи на сивокрилните Сили што го затемнија небото, оние малкумина меѓу нив што не најдоа засолништа и се затекоа тука, гледаа во чудото што се случуваше пред нивните широко отворени очи, зашто силна светлина бликна од Светијата над светиите и пред неа се отвори тешкиот превез од прашина што надоаѓаше од пустината, а потоа се раствори и сенката на крилестите Сили што светлината ги претвораше во пламен и пепел штом ќе ги допреше, додека нивните трипати свиени шофари паѓаа во снопот, се палеа од неговата огнена сила и се спепелуваа како и крилјата на сивокрилите летачи што ќе ѝ се најдеа на патот на чистата светлина, додека спржените ангели со ледни очи крескаа во ужас и паѓаа одгоре и допламнуваа, превртувајќи се низ воздухот како огромни пеколни факли, а светлината што бликаше од скутовите на Храмот отвораше пат, угоре, кон чистото небо, та тогаш оние од Израилот што го видоа тоа чудо на светлиот пат што ја спои утробата на Храмот со разгрнатата порта на Небото, посведочија уште едно чудо во кое, полека лебдејќи, по патот на светлината почна да се искачува арката на Заветот со Законот во неа и фати да се оддалечува и се упати кон портите Небесни и кога овие ја примија се затвори капијата на Сводот, превез од темни облаци го препокри затвореното небо, а зракот од срцето на Храмот полека почна да слабее сѐ додека наполно не згасна, та во Светињата над светитите ја немаше веќе самата Светиња во која престојуваше Зборот Божји, а за земјата немаше веќе Законот Негов, само студениот ветер на темните Сили... Доктор Корец ги отвора очите.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)