V Танаил каменоделкачот, работејќи долги години на својот занает, ги познаваше камењата во детали, на секој камен што го обработуваше му ја знаеше душата; ќе го пофатеше, ќе го испревртеше со рацете или со лостот, ќе го потчукнеше со чеканот неколку пати од сите страни, како железничарот што ги проверува тркалата на возот дали се пукнати, и ќе узнаеше какво му е срцето: здраво или не; ќе му биде ли верен до крајот на обработката или ќе му откаже на полпат; ретко му се случуваше да се излаже, да го делка некој камен, да го дотерува, да го обликува со денови, со недели, а често и со месеци - и на крајот да му пукне, да му расипе сѐ; а кога ќе му се случеше понекогаш тоа, - Танаил го фрлаше чеканот и глетото и налутено седнуваше крај каменот, неверувајќи дека навистина му откажал, распукал; врвеше со прстот преку пукнатината како преку рана, како преку болка; стоеше така долго време загледан во пукнатината и сиот ифрит, јад, не земаше веднаш друг камен да работи; ќе испушеше цигара, ќе се напиеше чашка-две ракија, и откако ќе му поминеше маката и лутината, започнуваше да одбира друг камен вртејќи го долго време пред да го направи првиот удар со чеканот и глетото на него.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Како преку ноќ да станало некое чудо, тој трчаше неуморно од едниот крај на другиот, носејќи им студена вода на жедните бригадирци.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)