И само стоевме така едно до друго. Другите деца околу нас скокаа на една нога, си подаваа топка, прескокнуваа јаже, се бркаа околу дрвјата, а Рајнер и јас стоевме, јас гледав во него, а неговиот поглед понекогаш за миг паѓаше на мене, а потоа пак бегаше во празното.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Јас понекогаш му кажував брзозборки, гатанки и бајки, а еднаш почнав да му зборувам за мојата мајка, за нејзините зборови на презир и потсмев за тоа како јадам, како се смеам, како чекорам; за тоа дека кога ни доаѓаа на гости нејзините пријателки со ќеркичките, таа пред нив ми велеше дека не умеам како нив да разговарам, да се смеам, да чекорам; му кажував со кои зборови го навредуваше секое мое воодушевување и секоја моја радост: воодушевувањето од вештината на неговиот татко, радоста што секоја недела претпладне го среќавав него, Рајнер, иако тој молчи.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)