Јас вриев; нејзиното смеење ме доведе до состојба на нервна раздразнетост; веројатно уште вриеше и ракијата од пладневната жега, и виното што сега навлегуваше во моите вени; ме навредуваше што таа рече дека не слушнала никогаш посмешно нешто, и во свеста ми се врати точката со наивниот маж, Петрунела и нејзиниот љубовник; ја прашав што е толку смешно, а таа се навали на ѕидот од кејот, и сосема опуштена, рече: „Прашај во Партијата; можеби водат записник.“
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)