Останав со Луција; таа ме бакнуваше страсно во устата, како да сакаше нешто да ми надомести; мене ми се гадеше и ми се блуеше; ми зборуваше дека тоа со народниот дух е сериозно, и дека сум требал да признам, но не сѐ и не одеднаш; дека сум требал да признам нежно, а не со гордост; не ја слушав, оти свеста ми беше на работ; ја прашав дали забележува дека боите воопшто не се обоени, и дека мирисите воопшто не се миризливи; попусто се обидував да го насетам мирисот на цимет во нејзината коса, оти веќе го немаше; бев сосема прилепен до нејзините гради, и ги чувствував на моите, но тие беа како брадавици на некаква мермерна Венера; всушност, чувствував дека светот е страшно изморен, и дека сите тие бои, мириси и допири се веќе стари, дека им треба обнова.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)