Листовите на фикусот поставен на балконот трепереа и од најслабо ветре, а сенките што играа на прозорецот секогаш личеа на човек, лош човек кој демне и чека погоден момент да ме грабне.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Нишан
(поделено јас)
Договор е јаболко да не клаваме
во разговорот - кутија отворена:
раздорот, пан-доратот
на мегдан сам ќе дојде
во ситен кас, ненасит
јаболкото е за по дома
уште повнатре
за интимни дела
(пред употребата добро да се одмери)
уште повнатре
во умот без него
-една глава сто ума-
расцеп на личноста, пизма без име
како јас-бол, како разроко јас
поделено јаболко: поделено ти
камен-меѓник (кај и да погледнеш!)
во мојата нива коренот
во твојата плодот
а сенката паѓа на сите страни
на светот, АДАМ.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Ти работиш и само си ја бараш сенката, а сенка никаде нема. Секаде сенката е подгазена, потфатена.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
А сенката не можев да ја распорам со отровно наточениот нож.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Исчезнатиот облик, изгубениот човек
умот ти го надлетува
се вртиш занесено и неутешно
а сенката твоја се одразува толку блиску
што ти недостига растојание
да си пријдеш
крилјата да си ги собереш!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)