Сега му се чинеше како цел свој живот да трчал по навредите и понижувањата со истата онаа своја лесно запалива нестрпливост и натчовечка сила со која постојано ги отфрлаше пофалбите и восхитот на некои луѓе кон него.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Страв и восхит
Претпоставка:
Македонскиот крал
премногу го сакал светот
и премногу можел
и премногу претчувствувал
немал време, хронично немал
но сепак доволно
за да ги поремети
дозите предвидени за рамнотежа
на Просторот, и самиот
без смисла за умереност
- хармонијата е нешто друго, сосема
само предозирана волја, отровен концентрат
само неповторлив порив, рев по далечното
- туѓината како вечно искушение!
само силна страст по странствување
per se, дури и во јазикот
само вродена дарба
да и’ се тутне на смртта
грациозно, пагански
под здолништето
додека Оваа си игра
божем случајно
криенка-миженка
митска мижитатара
само сензибилитет за походи
општа хиперсензибилност
- просто да се спростре
врз далечниот Исток
ко полна месечина на полноќ
- просто да го освои светот
како туѓа жена
со чувство на нелагодност
а забраната стимулира
срна истрчува на пусија
во заседа, балканско дувло
империјална глутница
избришани, заташкани траги
имагинарно писмо
толку голема моќ
што се втиснала во потсвеста
за век-и-веков
жиг на восхит и страв
од повторување
од повторување
на судбината...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Го слушавме, со страв и восхит, го слушавме но не му верувавме.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Беше еден од незаборавните министри во Сојузното министерство за надворешни работи, каде со почит и восхит зборуваа за него од вратарите до високите функционери.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)