Каде ни се заборавените зборови
пред кои запиравме како пред можност
да се најде изгубеното
каде се зборовите дрочни со смрчки
зборовите што нѐ попрскуваа
со нектар и семе по крилцата и ципите
срамежливи и бесрамни
зборовите заради коишто
капаците би си ги склопиле
и би се префрлиле слободно
во другото тело како во свое
во своето како во туѓо
по архимедовиот закон
со озрачени души
да не останеме полуживи и сами вечно
и од јазикот да се откажеме
доброволно, како од љубовта
при сѐ што сакавме
да бидеме заедно
уште, огин-и-ништо
залудно!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Затоа што имаат крстови или други знаци, а на тие крстови или други знаци е напишано името и родот и семето на оној што почива, а на други места брз нив се издигнати цели палати, а во нив лозата на родот...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Му редеше секакви билки и тревки на раните: и варен слануток, и семе од лен, жилавец, копрец, чочорка, богоројчина трева, печен белток од јајце, мевлен од восок и темјан, и настојуваше што побргу да му ги оздрави раните.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)